Под кожа

ТЕАТАРОТ Е ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ, СЕТО ОСТАНАТО Е ДРУГО


  • Златица ПЕТКОВСКА


 


Кои се твоите први сеќавања и асоцијации врзани со театарот и желбата да се глуми?

Дац: Знам дека уште како многу мал, кога со мајка ми доаѓавме да го видиме татко ми кој играше овде во Драмски, го почувствував оној специфичен мирис на театарот. Тоа е оној мастик со кој се лепат мустаќите и брадата, и даските што живот значат мирисаат токму на тој мирис. Мислам дека кога еднаш тој мирис ќе влезе во ноздрите многу тешко избледнува, барем кога е во прашање глумата. Можеби и не морав да се занимавам со оваа професија, но мислам дека ќе погрешев ако не станев актер затоа што јас сум за ова.

 

Г ледано отстрана, твоето генетско то наследство е огромна привилегија, но колку лично беше товар да се има татко како Стево Спасовски?

Па, да, на почетокот беше товар. Приемниот испит прво го спремав со Марин Бабиќ, не можев со татко ми бидејќи имав трема од него. Но, потоа Марин се зафати со друга работа и немаше време, па морав да го доработам со татко ми. Имав навистина многу трема пред него, а еве, и сега не знам зошто баш пред него имав трема, а не и пред други. Веројатно ја чувствував неговата величина, затоа што беше навистина прекрасен актер. Инаку, тогаш приемните на ФДУ беа отворени за публика, можеше да ги гледа кој сака и беше пострашно бидејќи доаѓаа и многу сеирџии. Тогаш буквално ми се тресеа нозете од трема, но кога излегов на сцена слушнав како некој од публика погласно искоментира „Види го, ист Стево е!“... Ние физички многу си личиме, како што и моите деца личат на мене, од генот не се бега - јас одам како него, се движам како него, како што стареам сé повеќе личам на него. А гледајќи и слики од времето кога сум бил на возраст на моите деца, забележувам дека сме како идентични. Поголемиот син, Јаков, сакаше медицина, па маркетинг менаџмент, и не знам на што ќе се запише на крај, додека Стефан пак, е предиспониран и мислам дека е жално ако не оди на глума. Веќе се докажа, снимаше филм во кој играше сам, снимаше и реклама за соседниот пазар, и сето тоа го прави квалитетно, а лесно како на шега.

 

Колку е Стефан свесен за значењето на своите татко и дедо или, благодарение на возраста сé уште не е оптоварен од исполнување туѓи очекувања?

Не е оптоварен, но тоа го чувствува преку околината, веројатно другарите го прашуваат „Еј, татко ти е Дац !?“. На Јаков пак, не му влијаеше тоа кој му е татко, тој е подруг човек. Стефан поинаку ги прима тие нешта и е поголем емотивец. За него сум сигурен дека ќе стане одличен глумец ако отиде на Академија, а сметам дека и не треба да од и на друго место. Не гледам причина квалитетно дете како него да не оди на Академија. А кога би знаел дека е неквалитетен јас ќе бидам првиот што нема да го пушти да се запише таму, бидејќи со тоа се прави лоша услуга - вечно ќе носи тацни на сцена. А и муабетите за врски на ФДУ - тоа е мечкина услуга ако некого пуштат да помине само за да има факултет, потоа ништо не може да прави со себе. Глумата не се учи, глумата може само да се доучи, да се внесе уште нешто, а талентот е даден од Бога.