LIFE
Оаза во која сите се добредојдени
Најдобриот сладолед во градот почнал да се продава
на 12 јули 1976 година и оттогаш она што
почна како мал семеен бизнис прерасна во еден од најпрепознатливите брендови во
Македонија. Приказната за „Палма“ ни ја раскажа Сејбин Бајро, чиј дедо ја основал слаткарницата. „Ова е семеен
бизнис што дедо ми му го пренел на татко ми, а татко ми мене. Особено во
летниот период, целата фамилија е ангажирана околу Палма, сите членови на семејството - од најмлади до најстари - се
тука и секогаш расположени да помогнат“, раскажува Сејбин. Најактивната сезона
за „Палма“ почнува во април и трае до септември, а посетеноста во најголема
мера зависи од временските услови. Сејбин го издвојува мај, кога сонцето ги
мами луѓето да излезат на прошетка, да се расположат и да се почестат со
неколку топки сладолед.
-Во времето кога е отворена „Палма“ ова било
шеталиште каде што многу луѓе се запознале, излегувале, па и се зеле, а еве
денес сè уште доаѓаат тука со своите деца и внуци. Сега меѓу редовните муштерии
има синови и ќерки на муштерии што ја посетувале „Палма“ од самите почетоци -
раскажува Сејбин. Неговиот дедо навистина визионерски избрал локација каде што
порано немало ниту една зграда и каде што по толку години се задржал шармот на
зелена шетачка оаза меѓу бетонските структури.
Рецептот не е променет
Тајната на успехот и долговечноста на „Палма“
секако лежи во тајната на извонредниот рецепт за сладолед. Но Сејбин истакнува
дека двата основни предуслова за добро работење се беспрекорната хигиена и
пријатната услуга. - Ако сакаш да си број 1 мора да ги следиш новитетите и не
смееш да тапкаш во место. Сладоледот останува ист, но постојано се
модернизираме во поглед на машините, ентериерот, изгледот на терасата - вели
тој. Благодарение на внимателниот избор на материјали, „Палма“ не ќе има
потреба да се менува со воведувањето на ХАССП-системот, кој во поглед на
хигиената отсекогаш го исполнува. Овде постојано се следат трендовите и во
поглед на нови видови сладолед, па затоа сега има избор меѓу 30 прекрасни
вкусови. - Рецептот на дедо ми воопшто не е променет. Сладоледот секогаш е ист,
ванилата е онаа истата што се служела пред 30 години. Постарата генерација
муштерии најчесто ги нарачува истите стандардни вкусови што ги јаделе уште од
почетокот, а младите се расположени да пробаат сè што е ново. Исто така, пред
6-7 години почнавме и продажба на сладолед и зиме. Времињата се променија, па
она што порано беше незамисливо сега стана вообичаено: и зиме да се дојде на
сладолед - објаснува Сејбин.
Златица ПЕТКОВСКА
Повеќе во 39-от број на Life магазин