LIFE
Со шарени опинци низ Америка
Текст и фотографија:
ГОРДАНА ЈАНЕВА
И навистина е чудно како досега никогаш не сум го посетила неговиот дуќан, кој се наоѓа во Скарборо, источното предградие на Торонто, до кој лесно се стигнува. Натписот Шан шуз го здогледав веднаш, но она што пријатно ме изненади беше птицата што весело црцореше на влезната врата на дуќанот. Не можев да не помислам на старото македонско верување дека тоа би значело убава вест за домаќинот, кој кога влегов внатре веќе го потсуредуваше дуќанот. В очи веднаш ми паднаа сликата на Гоце Делчев, под која стоеше една благодарница, потоа тука беа старите постери со игроорци, закачените опинци, селските носии, понекое ткаено торбуле, разни видови кожи, па дури и тапан и гајда.
Како се оформуваше опинокот
И додека во заднина се слушаа звуците на „Пара бери киселец“ проследено со чукањето на чевларскиот алат, чичко Душан веќе се фати за работа и почна да го објаснува процесот на правење опинци… „Пред да се стави на калап, кожата се потопува во вода да омекне, за да може полесно да се обликува, но и полесно да се затворат дупките низ кои се протнува конецот“, ми објаснуваше. Јас одвреме-навреме го потпрашував за алатките што наизменично ги користеше. ,,Ова се вика стеке, едноставен алат изработен од даб или од бука кој служи за гланцање на кожата. Со него ѓонот станува посјаен, што е многу важно за изгледот на опинокот. Ова пак е клешта-теглешка, служи за потегнување на кожата, а ова е опинчарски нож, кој мора да биде многу остар. Овде, на задниот дел на опинокот, кај петата, се става ова парче кожа на која се протнува ремчето. ,,Ремчето всушност го држи опинокот...“, ми објаснуваше чичко Душан додека со шилото го опшиваше опинокот, небаре сум некој тукушто даден чирак на занает. Се редеа слики од настани и доживувања, и убави и тажни, такви какви што само животот може да исплете. Неговото бавно и смирено раскажување ме пренесе во старата прилепска чаршија, во едно дамнешно време кога тогаш малиот Душан дошол да учи занает... „Роден сум во село Вашарејца, Битолско, во 1932 година, а во Прилеп целото мое семејство се пресели некаде 1937 година. Бевме шест браќа и две сестри. Кога во 1946 година завршив четврто одделение, татко ми ме даде на занает кај кондураџијата Борка Мигачо, каде што го стекнав целото мое знаење. Занаетот го учев три години, а одев и на вечерно занаетчиско школо. Среќа наша беше што татко ми можеше да плати. Да се изучи занает во тоа време беше голема работа, затоа нам ни велеа дека татко ми ни дал златна белезица. Сите шестмина браќа изучивме понекој занает“.
Повеќе во 41 број на Лајф магазин