Семејство

Пакување - првиот контакт со подарокот

· Златица ПЕТКОВСКА

Симнувајќи се во сутеренот на ТЦ „Буњаковец“, наминавме кај Олгица, која во интимната атмосфера на своето ателје во моментот изработуваше покани за свадба. Водена од афинитетот кон визуелно убавите нешта, таа веќе седум години стрпливо ги создава своите креации што потоа им го даваат посакуваниот уникатен печат на веселбите. „Кај мене доаѓаат луѓе кои сакаат нивната свадба уште од првиот момент да се разликува од останатите. Секогаш се трудам секоја нова нарачка да има нешто поинакво од минатите, и кога веќе е рачно изработена, да биде и уникатна“, вели таа. За рачната работа е потребна идеја, но и време, а изработката најмногу зависи од избраниот модел. „Некои покани бараат повеќе време поради ситните детали, а кај некои, пак, идејата е најважна, а изработката поедноставна. Но дури и за наједноставните, потребни се најмалку десетина дена за изработка“, додава.



Малите украсни кутичиња може да се користат за пакување и чување накит, а невестите сè почесто ги одбираат и за свадбените бонбони


Наместо да се здипли, марамата лесно се пушта во кутијата. Лежерниот, свилен материјал на марамата со својот волумен ќе ја исполни кутијата.

При украсување на кутијата мора да се внимава да не се претера, бидејќи и самата кутија со својата боја и форма е дел од пакувањето. Затоа се избира рафија - украсни ленти што во цвеќарниците може да се купат во снопчиња. Рафијата е во согласност со природните материјали на самиот подарок, а бидејќи потсетува на слама, овој материјал одговара и на есенското време.

За украсување е употребено вештачко гранче со зелени „плодови“, а Олгица препорачува секогаш кога е можно да се користат природни материјали, па и зелени гранчиња што ќе ги најдете во својот двор. Ако се одлучите за природно зеленило, испрскајте го со лак за да добие цврстина и сјај.

Панделката се прави со предиплување на две или повеќе платнени, свилени ленти, чиј материјал е поелегантен и подобар избор отколку хартиените ленти, кои е поадекватно да се користат само за врзување.

За панделката да биде повпечатлива и да изгледа побогато, се користат повеќе предиплени ленти, колку повеќе ленти – толку поголема панделка.

За да не се мешаат премногу материјали, панделката на средина се врзува со рафија.

И рафијата на врвот од кутијата се врзува во панделка врз која се става подготвената платнена машна прицврстена со конци од самата рафија.

На крајот, предолгите ленти се сечат сè додека пакувањето не добие компактен изглед.

На почетокот сè оди умерено, а на крајот подарокот сам ќе покаже дали нешто недостига. Така, ова украсување е освежено со уште една панделка во светлозелена боја, врзана со зелен природен конец.



„Како што се поканите првиот контакт на гостите со свадбата, така и пакувањето е првиот контакт што го имате со подарокот“, вели Олгица, која за својата работа смета дека или ја чувствувате или не. Практиката е само дополнување. „Секогаш главниот збор го има креативноста. А прво и основно правило е да се испочитува желбата и замислата со која доаѓа клиентот. Потоа мора да се следи типот на подарокот, внимавајќи сепак пакувањето да не ја засени неговата убавина“, објаснува таа. Македоците често на своите пријатели од странство сакаат да им подарат нешто што доаѓа од нашата земја како тегла ајвар или шише македонско вино. „Кога се пакува такво нешто нема потреба подарокот да биде сосема покриен, туку треба да се гледа и да биде сосема малку украсен за да се нагласи неговата необичност и убавина“, појаснува Олгица.

Како кај свадбените покани така и кај пакувањето подароци постојано се појавуваат нови трендови, што последниве години особено се забележува бидејќи на пазарот се пласираат сè повеќе нови материјали. „Во последно време се користат сè поприродни материјали, а трендовски се следат и боите, што не значи дека во пакувањето постојат техники што застареле или изумреле. Изборот на златна и сребрена боја е стандарден и секогаш актуелен. Трендот на завиткување со фолии е сепак надминат, а сега се исфрла и хартијата и сè се насочува кон еколошкото и природното. Така е и со цвеќињата, кои порано се криеја со бела хартија, а сега конечно се прифати дека цвеќето само по себе е убаво и на аранжманите единствено им се дава мала финеса со украсни ленти“, вели. Олгица открива дека во минатата сезона се барале зелената и црвената боја, а пред тоа најактуелна била виолетовата. „Следна актуелна боја веројатно ќе биде сивата, односно елегантните сивосребрени тонови, а ќе се задржат и природните тонови на земја и песок. Кога станува збор за боите постои едно правило: една боја е малку, две се многу“, на шега додава таа. „Секогаш треба да се следат нијансите и тоновите на една боја, но бидејќи подароците не треба да бидат еднолични, без страв може да се освежат и со уште една, сосема нова боја“.

„Клиентите често ме прашуваат како ќе изгледа пакувањето, а јас секогаш одговарам, не знам. И навистина е така. По првиот избор на бои и материјали, тие те водат низ процесот и едноставно подарокот сам ќе ти каже што уште му е потребно“.

За читателите на Life магазин таа спакува портокалова марама направена од природни материјали. „Кога пакувам, сакам да ја следам бојата на подарокот, па да го украсам во боја што доминира кај него“, вели Олгица, избирајќи украсна кутија во понежен тон на портокалова боја. Изборот на бои и материјали го следи отпуштениот дух на подарокот.