·
Силвана БРКУЉАН
Терзија, абаџија, кираџија, сарач, налбат, павурџија, дограмаџија, седефар, папуџија, самарџија, кујунџија... некогаш синоними за уважени професии. Денес голем дел од нив ги нема. Го истрчаа својот последен круг во подемот на индустријализацијата и компјутерската ера. Одвреме-навреме милуваме да направиме некоја приказна, емисија, проект, потсетувајќи се на нив како на нешто ,,ретро“, како да е тоа само дел од ,,модата“. Младите луѓе едноставно ги заборавија, не им го препознаваат ниту името, а уште помалку размислуваат да им се вратат.
Младоста на Младен беше предизвикот за оваа приказна. Во напливот на странски брендови и ,,пластични бисери“ увезени од Кина, изработката на филигран, каде што само раката може да ја даде топлината што доаѓа од срцето, е сјај што блеснува. „Тој што сака да работи, секогаш ќе има“, ми одговори Младен на прашањето колку денес може да се живее од стар занает. „Јас својата иднина ја гледам тука, бидејќи секогаш сум се водел од мислата: подобро успешен во едно, отколку неуспешен во сто. Ова е тоа што го знам и она што во мене буди емоција“, додава Младен.
Старите мајстори
Филигранот во Македонија е дојден преку Византија и е дел од средновековното културно наследство. Станува збор за една од најзастапените техники во обработка на среброто и златото во која до израз доаѓа индивидуалната вештина на мајсторот. Затоа и често им се восхитуваме на мајсторите на филигран, како прецизно изработуваат орнаменти од сребрена жица, создавајќи совршени облици. Но, не и секој може да биде врвен мајстор. Треба многу талент и многу години труд. Кај нас овој занает се зачувал до денес благодарение и на „Рубин“, од каде што потекнуваат и современите наши најголеми мајстори. Токму таму и Младен го печел својот занает, каде што бил вработен веднаш по завршувањето во ДСУ ,,Панче Арсовски“. Во генерацијата биле само петмина. „Мајсторите од 'Рубин' беа прекрасни“, ми вели Младен, „сè што научив, научив од нив. Им ги 'крадев' тајните, кои тие самите ми ги откриваа. Затоа што сакаа“, со насмевка се потсетува.
Современоста за миг го бутна филигранот во „заборав“, но како што вели Младен: „Од пред пет години се враќа модата за поседување филигрански накит“. Истата таа современост наметна внесување на нови изгледи, но далеку од тоа дека се работи за „уличен“ накит или накит со кратка употреба.
Младен зад себе нема голема „фешн“ индустрија. Неговиот потпис е оној што доаѓа од душата. Работилницата му се наоѓа во визбата на неговата куќа, каде што деноноќно ткае сребрен филигрански накит по кој жените воздивнуваат, бидејќи токму тие се неговите купувачи.
- Па зар мажите не го бараат, запрашав зачудено. „Не или многу, многу ретко, што е жално, бидејќи постојат прекрасни машки прстени и белезици, кои може да бидат автентичен израз на личноста“, потврдува Младен и додава: „Не секое парче накит и се продава. Некои се подаруваат, бидејќи во нив има посебна енергија и тие едноставно немаат цена. Возбудува приказната за еден млад брачен пар, кој реши нивните бурми да бидат изработени од филигран“.
Мало невнимание и трудот е залуден
Уште од прастари времиња златото и среброто биле предмети на особено почитување. Тие биле и сè уште се средство за размена и мерило на вредност. Златото и златниот филигран се голем предизвик за овој млад човек, но како што вели, „кога финансиската состојба ќе му овозможи, тогаш и ќе се втурне кон него“.
За миг се обидувам да влезам во негова кожа и да го проследам процесот на „извиткување, виткање, обликување, лемење, шмирглање, перење...“, сè до мигот на создавање на едно дело. „Понекогаш ми требаат 8-9 часа за една белезица, но и тоа само доколку сите подготовки ми се претходно направени. Прецизноста и концентрацијата се клучни доколку сакате да бидете успешни во оваа работа. Мало невнимание, и трудот може да биде залуден“, вели тој.
Младоста на Младен ја носи со себе и современоста. Својот труд тој најчесто го претставува на интернет. Неговата веб-страница е неговата продавница. Таа засега се подготвува, а во меѓувреме ја користи социјалната мрежа за дружење „Фејсбук“. Новите времиња налагаат нов маркетинг, свеж израз на „староста“... Тоа е еден од начините да се зачуваат нашите занаети. И секако, нашата верба во нив. Затоа, кога се вратив дома, го извадив наследениот филигрански ѓердан и ù го дадов на ќерка ми. Да ја носи. Бидејќи онака скриена во дрвена кутија и јас ја заборавив.