LIFE
Предизвик е да се анимираат плејстејшн-генерациите
Слика прва: Салата е полна. Светлата придушени. Во гледалиштето смеа и џагор. Заруменети детски лица, кадифени фустанчиња, светнати чевлиња, ширум отворени очи вперени во завесата што крие многу чуда... Понекоја солза и збунетост кај оние што се прв пат тука.
Слика втора:Завесата полека се крева. За миг, сè запира... Џагорот, солзите, насмевките, немирот полека се втопуваат во еден нов свет кој изнудува нови емоции, нови солзи или насмевки. Самовили, сирени, принцови, принцези, вештерки, џуџиња, шумски животи. Кукли создадени од обично платно, јаже, дрвени лажици и чинии, магични фигури изродени од волшебната преѓа на светлината и сенките.
Слика трета: Се присетувам на мојата прва детска претстава. Ја гледав во Драмскиот театар за некоја Нова година, чинам. Бев маѓепсана. На лицата на децата и сега ја гледам истата обземеност.
Слика четврта: Актерите се поклонуваат, бурен аплауз... раздвиженост во фоајето... децата неодложно, веднаш мора да ги споделат впечатоците со некого... им приоѓаат на актерите - некои срамежливо, некои со трчање им се фрлаат во прегратки. Ослободувачки изблик на радост и потреба да се раскаже, сподели она што е доживеано, да се допре со своите раце фустанчето на Црвенкапа, да се провери дали таа е вистинската.
Ова е вообичаено и сосема ненашминкано сценарио на една вечер помината во Театарот за деца и млади, за кој не е претерано да се каже дека е еден од најуспешните ансамбли во земјава, судејќи и според бројот на добиените награди, но и според турканиците пред билетарницата пред речиси секоја претстава. Децата недвојбено го обожаваат овој театар почнувајќи од оние најмалите кои одвај ѕиркаат од своите седишта, па сè до тинејџерите.
Оти тука има за секого по нешто - и куклени и живи претстави, бајки со хепиенд, но и приказни што завршуваат со понекоја солза, Марко Цепенков и Шекспир, народна музика, рокенрол и техно... Сè на едно место. Магијата ве обзема уште на самиот влез во фоајето, а потоа почнува играта. Клопчето на приказната полека се одмотува, а чудесните ликови во прекрасни костими ќе ве поведат на необично патување.
….
Повеќе во 42 број на Лајф магазин