LIFE

Откако сум роден имам негативен публицитет

Чудесна мешавина од одметник и витез, актерот Кирил Поп Христов и самиот за себе вели дека е Кили наречен Контра. Публиката најмногу го препознава како некој што не се двоуми жестоко „да опали“ по малограѓанските вредности и воопшто сè она што му „вреѓа“ очи. За својата најнова улога во филмот „Панкот не е мртов“ вели дека пресликува многу негови лични животни епизоди. Меѓу другото, за Лајф отворено говори и за старите добри времиња, за престојот во затвор, за своето семејство...

· Мимоза Петревска ГЕОРГИЕВА

Лајф: Имаш околу 5.000 пријатели на „Фејсбук“. На што се должи оваа популарност?

Кили: Тоа малку ме вознемирува, бидејќи сега тешко ги добивам и мејловите. Секој сака да биде пријател со мене. Имам уште неколку илјади на листа на чекање. Кога би знаел како, би отворил нов профил како Кирил Поп Христов два, па да ги внесам тие нови пријатели, но не знам кое копче да го притиснам.

Лајф: Пред извесно време во една ТВ-емисија јавно проговори и за твојот престој во затвор. Велат, човек учи од секое искуство. Што научи од ова искуство? Трауматичен ли ти беше престојот таму?

Кили: Не, напротив. Се одморив од сите притисоци и стресови што ги имав во животот. Ги прочитав книгите што со моето секојдневно темпо ќе немав време да ги прочитам. Научив и колку е добро да погледнеш во себе. Да влезам во себе и да се прашам кој сум и што сум. Таму, буквално на послужавник ми беа донесени 278 различни карактери, кои ми се многу потребни во мојата професија. Улогата во филмот „Панкот не е мртов“ ја градам и благодарејќи на милион мали епизоди што ми се случија таму. Па, јас од послужавникот избирав реплика од еден, поглед од друг, начин на размислување од трет, гест од четврти, интонација од петти... Секој актер во својот живот мора да помине некое големо премреже за да научи три клучни работи: да си ја зацврсти позицијата во својата фамилија, да научи да црпи од различни карактери кои му се потребни за неговата професија и, трето и најважно - да гледа во себе и да учи од своите грешки. Јас сега првпат научив да не се плашам да гледам во себе.

Лајф: Дали те секира негативниот публицитет и како тој ќе се одрази врз твојата кариера?

Кили: Мене само ми е блам што по медиуми ме етикетираа дека во затвор сум бил поради дрога. Сакам да ги известам вашите читатели дека не бев во затвор поради дрога, туку поради недозволена финансиска трансакција. Малку си поигрував со нашите банки...

Инаку, ме заболе за негативниот публицитет. Јас имам негативен публицитет откако сум роден. Но задоволен сум од својот живот бидејќи сум го исполнил она што сметам дека секое човечко битие мора да го исполни: да создаде среќно семејство, да има насмеана жена, да ги изведе своите деца на прав пат.

Како ретко кој мој врсник, можам да се пофалам дека сум извел две деца на вистински пат, иако јас самиот одамна не сум на вистинскиот пат. Тие се на вистинскиот пат и тоа е мојата гордост.

Повеќе во 43 број на Лајф магазин