Семејство

Љубовта се умножува, не се дели

Сакаш трето дете? Се избори за пензија? Не? Ти си луда! – се само дел од коментарите со кои ме избомбардираа кога решив да имам трето дете. Се прашувам како ли реагира просечен македонски граѓанин кога ќе се соочи со десетчлено семејство на улица? За кого две деца се веќе сериозен „eнтерпрајс“. Од здравствени, економски, филозофски, конформистички и ред други причини. Клео и Јасмина се една сосема поинаква приказна. Имаат осум деца, а отсекогаш сонувале за шеснаесет

· Мимоза Петревска ГЕОРГИЕВА

Се запознале сосема случајно уште во 1994 година на една од славните журки кај Клео во Кисела Вода. Тој – сосема урбан и добро приспособен градски тип, таа штотуку дојдена од Сараево. Млада, слатка, весела девојка. Барем јас ја паметам како таква. Кога ја видов пред извесно време, штотуку беше станала мајка по осми пат. За чудо, не ја згубила свежината ниту ведрината. Напротив, ми изгледаше посреќна од кога и да е. Осветлена однатре. Спокојна.

Многу е убаво да се биде мајка, било на едно, две... било на осум деца. Не мислам дека сме нешто посебно, само на луѓето им е чудно, им изгледа многу. Кога би знаеле за љубовта и убавината што ја делиме, не би мислеле така. Мене таквиот живот длабоко во срцето ми изгледа најприроден - вели Јасмина.

Инаку, нивното прво дете, Анастасија, се раѓа во 1997 година. Радоста е голема со секој нов ден и со секоја нејзина нова насмевка.

Тогаш сфаќаат дека сакаат уште едно дете, па уште едно и така…. Без некои големи планови и умисли. Сега најмалиот член во семејството - бебето Илија, има само три месеци и е најмилуваниот од сите. Сака да цица и да спие, а другите го гледаат додека гуга сиот важен - со насмевка раскажува Јасмина.

За тоа како е да се биде мајка на осум деца и како љубовта, грижата, вниманието се расподелува на осум еднакви дела, Јасмина има своја теорија, која сосема добро функционира и практично: Низ повеќе раѓања се продлабочува и искуството на љубовта. Бебето носи светлина, чиста радост се гледа од неговите очи. Тие моменти се вистински бисери во животот. Така што, сакам да кажам дека љубовта се умножува, не се дели...

Раскажуваат како со текот на годините им станало кристално јасно дека нивниот живот отсега ќе изгледа сосема поинаку. Како низ жртвувањето на своите желби и задоволства се здобивале со трпение. Така полесно ги прифаќале и разликите и расправиите во семејството, сè додека не научиле вистински да се сакаат.

Жртвувајќи мал дел од себе, добиваме нешто многу подобро и повредно. Семејство и многу љубов во тоа семејство - додаваат со насмевка.

Повеќе во 43 број на Лајф магазин