Мода

КУЛТУРАТА НА ОБЛЕКУВАЊЕ Е ВАЖНА РАБОТА ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ

Дека успехот не признава изговори и компромиси ќе го потврди и постоењето на Belgrade Fashion Week –манифестацијата што во своето 13-годишно постоење стрпливо ама самоуверено го позиционира Белград како регионален моден центар. Воспоставувајќи ја како прва модна недела во источна Европа во 1996 година, кога модата и не е меѓу приоритетите, нејзиниот творец Ненад Радујевиќ својата желба и визијата ќе ги поткрепи со пркосот на бесмислената реалност да ù се спротивстави со убавина и уметност, за денес да може да се гордее со врвен моден настан што е етаблиран според сите стандарди на такви слични во светот

Лајф: Како почна Вашата авантура со модата?

Ненад: Со модата почнав да се занимавам во 1991 година, кога ја основав својата фирма што и ден-денес се нарекува модно студио „Клик“, а првата идеја ми беше да ги соберам луѓето што се занимаваат со модата на разни начини, дизајнери, фотографи, стилисти, шминкери и сите останати. Едноставно, во тоа време познавав многу луѓе од тој тип кои беа извонредно креативни, кои работеа на полето на модата и уметноста, секој со некоја своја мала кариера и мојот дел беше да ги обединам и тоа така започна со првиот наш проект, кој беше наречен „Мода од белградските улици“, со кој сакавме да покажеме дека модата можеби може да се презентира и на поинаков начин. И тоа беше голем успех, и така сè започна.

Ненад Радујевиќ

Она што Beograd Fashion Week го направи за овие 13 години се конкретни резултати

 

Лајф: Која беше идејата-водилка околу почетокот на Модната недела во Белград?

Ненад: Суштината на постоењето на модна недела насекаде во светот, во сите сериозни модни центри, било да се оние најважни - Њујорк, Милано, Париз или Лондон, или пак оние што сакаат да бидат водечки во регионот, како што е Мадрид, на пример или како што почнува да бидува Берлин или Сао Пауло, е едноставно идејата на еден современ начин да се презентираат модните тенденции врзани за дадениот пазар. Тоа е речиси дефиниција, зашто модата така бидува малку поинаку третирана, на посебен начин. Тоа е единствен начин на промоција на некој бренд или промоција на некој производ. Тоа модата многу го користи, зашто таа во исто време кокетира и со гламурот и со уметноста и со индустријата. Сите сакаат да се врзуваат за модата, и другите големи индустрии и современата технологија и сè друго, и тоа е токму поради таа причина - продажбата. Токму затоа модата се поставува така - поставува трендови за да ги менува. Концепт што и другите индустрии го презедоа. Што се однесува до Белградската недела на мода, конкретните резултати се постигнати и видливи во изминативе 13 години и сега нема дилема дали е тоа потребно. Она што како совет можам да го дадам на секој друг центар во регионот кој има таква амбиција е - прво да постави база. Зашто, кога ние тргнавме во целата работа, најпрво пет години работевме, стекнувавме искуство, го опипувавме просторот, направивме една структура од постојното, па дури потоа тргнавме со Модната недела. Имавме неколку млади дизајнери што беа интересни и тргнавме врз основа на таа база да го градиме сето друго. Сега сепак мислам дека е поедноставно, но треба да се преземе рецептот како тоа да се направи да функционира и, се разбира, не може да постои само за да постои, туку мора да има пазар за кој таа всушност и се работи и така тие се надополнуваат. Ниту Модната недела може без индустријата, ниту пак индустријата може без адекватен начин на претставување каков што е, на пример, Модната недела, која ги обединува на едно место сите најважни фактори.

 

Повеќе во 43 број на Лајф магазин