LIFE

Пишувањето е чудесна авантура

Некој што живее опкружен со убави мисли и зборови не може и самиот да не придобие од тие ведрина и спокој. Винка Саздова (издавач и автор) е токму таква кога зборува за патувањата, оние вистинските, во Индија, и оние уште повистинските – низ страниците на книгите и во длабочината на сопствената душа

Златица ПЕТКОВСКА

Лајф:
Во поговорот за Вашиот прв роман „Последниот чај“, Венко Андоновски напиша дека чувството Вие како издавач да објавите сопствен роман е како службеник во банка да добие на лото. Како навистина се почувствувавте кога првпат в рака ја зедовте готовата книга?
Винка:Многу чудно. Всушност, воопшто не беше смислена одлука книгата да ја објавам за десетгодишнината на „Три“, тоа самото си дојде. Ја пишував една и пол година, а и самата не знаев што ќе излезе на крајот. Бидејќи сум прочитала илјадници книги, на почетокот се прашував што ново можам да напишам јас? При толку убави книги, има ли нешто што јас можам поинаку да го раскажам? Потоа, си реков: да, секој си има своја приказна. Како што секој човек е приказна за себе, така секој во себе си носи и свој начин на пренесување на сопствените вистини. Кога книгата излезе од печат имав измешани чувства. Очекував да се радувам, но наместо тоа, бев збунета, дури чувствував некаква тага, болка. Но кога „Последниот чај“ почна да си живее свој живот, веќе изделен од мојот, чувството се промени. Ми лекна. Некако се ослободив. Ја гледав наредена на полиците и си велев: Сега „Последниот чај“ им припаѓа на читателите. Нивен е исто колку што е и мој.



Лајф: Се дистанциравте ли од туѓите книги во тој период?
Винка:Од сè се дистанцирав, дури и од комуникација и зборување. Сосема се отуѓив затоа што енергијата многу се троши и во секојдневните, навидум обични нешта. Морав да се оддалечам од реалниот живот, за да се нурнам длабоко во себе. За мене пишувањето, како што потоа и Венко напиша, е потрага по себеси. Нурнувам длабоко во себе барајќи ги вистинските приказни. Како што мојот главен лик се прашува „Која сум јас“, веројатно и јас истото за себе сакав да го откријам преку пишувањето. И самата бев изненадена и воодушевена од непрегледните незнајни простори што се отворија пред мене. Имаше мигови и на радост, и на тага, и болки, и страдања. Процесот на пишување е многу драматичен, интензивен. А последните три месеци дури и се осамив надвор од Скопје за да го завршам романот.

Сметам дека писателот мора да биде строг кон себеси. Тој мора да знае што да остави, но и што да отфрли од текстот. Имав напишано многу повеќе, почнав со една приказна што ме одведе во сосем друг правец. Воопшто не бев свесна дека ќе имам флеш-бекови, дека ќе има две времиња што ќе се преплетат меѓу себе.

Повеќе во 43 број на Лајф магазин