LIFE

Човек кој си го сака своето племе, го сака и светот

Нема поубав повод за разговор со еден актер од отворањето нов театар. Рубенс Муратовски, кого публиката со години го гледа на сцената на Драмскиот театар, го имаше тоа задоволство директно да учествува во зачетокот на репертоарот на новата градска сцена, на чија прва премиера го отелотвори ликот на Максим Бродски

Златица ПЕТКОВСКА
  

 

Градскиот театар „Скопје“ во МКЦ официјално е отворен со „Р“ на Јордан Плевнеш. Што за еден актер значи не само да се сведочи на отворањето нов театар, туку и да се игра во првата премиера?
Рубенс: Кога се отвора нов театар е како да се отвора црква. Можеби звучи како шаблон, но навистина е така. За мене, а верувам и за сите други што го сакаат театарот, сцената е сакрално место. Кога се отвора театар се чувствуваш навистина свечено, а доколку си и дел од екипата што работела на претставата е дотолку поубаво, а јас, згора не сè, имав среќа да ирам и еден од моите омилени ликови, Максим Бродски, кој според мене е еден од најубавите македонски текстови и еден од најубавите што воопшто сум ги прочитал. Ретко се случува уште додека го читаш текстот да си сигурен дека човекот што го напишал вистински го разбира театарот.
  

 

Со изборот на текст за актерот, веројатно се најави и она што во иднина треба да го очекуваме од овој театар.
Рубенс:Текстот е целосно театарски, главниот лик е актер, а се занимава и со оние проблеми на актерот со кои веројатно секој од нас се соочува. Ние не сме машини, како компјутер, каде што може да се избрише, освежи и рестартира. Сето она што го доживуваш приватно мора да се рефлектира некако на сцената. Магијата на актерскиот занает е сите оние негативни работи, па и позитивни од приватниот живот, некако низ некое огледалце кое потоа ќе рефлектира друга светлина да блеснат во позитивна насока, значи да ти помогнат. Глумецот е како лудак што ја минува реката, седи на една страна од брегот, а кога работи улога оди на другата страна, па потоа се враќа назад, кај жената, децата, девојката, во другиот живот, реалниот... Има многу примери на актери кои не можеле повеќе да се вратат и останале таму, во нереалното. А Бродски е токму таков лик, кој останал на таа страна од реката и го загубил патот. Можеби сплавот го однела водата, а можеби самиот и не знаел како да се качи на него. Не знаел, или пак не сакал. Јас би рекол - не сакал, поради проблемите што приватниот живот му ги носи, она што татко му како жртва на едно време му го оставил.

  Текстот е напишан по вистинска приказна, според реален лик што по војната, бидејќи двете дечиња му биле болни од црна кашлица, отишол во НАМА и украл масло, кое загреано се користело како лек. Тој украл за да ги спаси дечињата, но го фатиле и го стрелале. За осум шишиња масло! Како пример за другите .

Повеќе во 44 број на LiFE магазин