Бизнис

Бојата на парите

Како одблесок на парите или како бизнис-сумирање на годината што помина, во продолжение ви нудиме акценти од пет интервјуа што најмногу ги отворавте на нашата веб-страница www.lifemagazin.com.mk

Љупчо Трајковски, „Фонко груп“ (септември, 2009)

Лајф:Тешко е да се остане рамнодушен во услови кога светот е заплиснат со бран песимизам. Дел од странските инвеститори што ги препознаа предностите на Република Македонија како дестинација за инвестирање, ревидираа дел од своите инвестициски планови, повикувајќи се на глобалните потреси. Некои ,,светли“ најави пристигнуваат од Германија и од Јапонија, но велат ,,,имаме уште долго да ја чувствуваме кризата!

Трајкоски: Ќе ви дадам два сегментирани одговори. Македонија никогаш немала сериозни претенденти за инвестиции, ниту пак има изразени предности во однос на другите земји. Говорам за гринфилд-инвестиции. Да се купи и да се продаде… тоа е друга работа. Странските инвеститори ќе дојдат ако видат домашна инвестициска активност. Без сопствена инвестициска активност, нема да доживеете ниту странска. Може да доживеете само странска експлоатација. Сега се вртат политиките кон домашните инвеститори, ама загубивме многу време. Знаете ли дека оваа година македонските граѓани инвестирале 800 милиони евра во Албанија. Тоа се пари што можеле тука да бидат инвестирани. Вкупните странски инвестиции кај нас (годишно) се неспоредливо помали од оваа бројка. Тука треба да се бара решението. Врз основа на домашни инвестиции, ќе дојдат и странските. Што се однесува до светот, светот ќе најде начин да излезе од кризата. Кризата не беше ,,технолошка“… би рекол дека беше виртуелна (политичка, финансиска… психолошка). И тоа се надминува со малку повеќе оптимизам. Реално ако погледнеме, ништо во светот не пропадна, ниту еден синџир технолошки не се уништи, па сега да не можеме да се соземеме. Работите се одвиваат отежнато, но сè е тука. Јас мислам дека кај нас основен проблем е песимизмот, изгубената надеж, вербата. Оптимизмот прави чуда. Сè може да се направи со желба.

 

Герасим Ванчев, „Семос“ (август 2009)

Лајф:Кои се најчестите проблеми со кои секојдневно се соочувате?

Ванчев:Во моментов слободно може да кажам дека најголемиот проблем со кој се соочуваме и како фирма и како индустрија е фактот што пазарот не ја согледува потребата од воведување и користење на иновативни технологии, кои ќе им овозможат да станат глобални играчи, со што ќе ја зголемат својата продуктивност и ќе ги намалат трошоците.

Компаниите со странски капитал се свесни и не можат да го замислат своето функционирање без деловен софтвер, што не е случај со повеќето компании во земјава.

Љупчо Трајковски, „Фонко груп“ (септември, 2009)

Герасим Ванчев, „Семос“ (август 2009)

Јован Јанакиевски, „Вегера“ (јуни, 2009)

Лидија Трипуноска, „Марили“ (мај, 2009)

Љубе Рајевски, НЛБ Тутунска банка АД Скопје (март, 2009)


 

Јован Јанакиевски, „Вегера“ (јуни, 2009)

Лајф: Како сега гледате на конкуренцијата?

Јанакиевски:Ја почитувам конкуренцијата. Кога почнувавме, постоеше „Жито лукс“ како многу силна компанија и тоа беше како да се борите со Голијат. Но со текот на времето си го најдовме своето место. Како и во секој друг бизнис, се работи за неколку коцки што мора да бидат добро наредени. Пред сè, мора да имате квалитетен мајсторски кадар, добри објекти, добра услуга, а во пекарството има и една изрека: „И топла цигла се јаде“, што значи дека мора да понудите топол, свеж производ. Нема никаква тајна во овој рецепт за успех, но ако недостига макар и една од сите овие коцки, тогаш недостига многу. Ова го знаат сите, но од различни причини се прескокнуваат одредени коцки, па се запоставува мајсторскиот кадар, изгледот или локацијата.

 

Лидија Трипуноска, „Марили“ (мај, 2009)

Лајф:Бизнис-каталогот на Р. Македонија вклучува информации за природните убавини, историските обележја, како и за развојниот потенцијал на нашата држава. Како овој годишен информатор доаѓа до читателите надвор од Македонија и на каков прием наидува вашата работа?

Трипуноска:Бизнис-каталогот на Р. Македонија е квалитетен годишен информатор што го изработува стручен тим на професионалци, поради што тој има квалитетна и атрактивна форма, за која секако многу придонесува и квалитетниот печат на печатницата „Дата Понс“, со која соработуваме веќе 10 години. Каталогот се изработува и во електронска форма, односно како цеде-каталог, а истовремено целата година е поставен на нашата веб-страница www.marili.com.mk. Каталогот се дистрибуира во бизнис-класите на повеќе авиокомпании, поставен е во бизнис-салоните на скопскиот и на охридскиот аеродром, го добиваат сите странски амбасади во Р. Македонија, како и повеќе економски аташеа, исто така го добиваат повеќе министерства, меѓу кои особено е значајно Министерството за економија, на кое му служи како репрезентативен материјал за странските стопански делегации, за бизнис-форуми и саемски манифестации во Европа и светот. Исто така, тој е поставен во голем број хотели во Скопје, Охрид и во други градови во земјава, а истовремено е присутен и во дијаспората, особено во Шведска, Канада и во САД, каде што има голем број верни читатели, а нивниот број е во постојан пораст.

 

Љубе Рајевски, НЛБ Тутунска банка АД Скопје (март, 2009)

Лајф: Економската криза како воз се забрзува. Повеќе не е само економска, се прелева и во општествениот живот. Веќе од „денес“ секој од нас треба да направи нешто, за да не „пукне“. Колку во ова време обичниот граѓанин знае да ги следи советите на стручните лица, за да има појасна слика за последиците што може да бидат предизвикани од кризата?

Рајевски: Она што се случува во соседството и влијанието на светската рецесија треба да нè опоменува секојдневно да бидеме внимателни, за да ја разбереме нејзината разорна моќ и последиците што таа ги предизвикува и барем да се обидеме некои процеси од истата делумно да ги промениме или да ги ублажиме.

Сите сме сведоци за секојдневно медиумско бомбардирање на јавноста за кризата во светски рамки и како тоа се одразува во нашата околина и конкретно кај нас. Се јавуваат голем број „експерти“ што ги бараат и анализираат причините и последиците од кризата, прогнозирајќи кога истата ќе заврши, каде точно и кога ќе биде нејзиниот крај. Многу различни мислења, сите се сега „умни“ и „стручни“, советуваат како да се однесуваме во вакви кризни ситуации и сл.

Граѓаните во Македонија знаат да ја проценат состојбата во ова кризно време и да се однесуваат внимателно со воздржување од преземање ризични чекори и давајќи му предност на штедењето, а тоа и ни се потврди низ повеќето кризни состојби што ги поминавме како држава во целиот досегашен транзициски период.