Семејство

Хуманост и толеранција - на дело

Детската издавачката куќа „Вермилион“ е една од ретките која својата стратегија - негување на мирот, толеранцијата и разноликостите, освен со збор, ги негува и на дело. Сите нивни дела, атрактивна, сочна, но и поучна литература за деца, се печатени на рециклирана хартија, а преку своите хуманитарни активности тие сакаат дел од профитот да ù вратат на заедницата онаму каде што е најпотребно: во детските болници, библиотеките...

· Мимоза Петревска ГЕОРГИЕВА

Лајф:Од каде името „Вермилион“?
Вермилион:Тоа е онаа црвена боја што ние ја викаме цинобер. Избравме збор кој на повеќе различни јазици има исто значење. Ние не сме разгранок на некоја странска издавачка куќа, иако соработуваме со странски куќи што се на линија со она што го правиме. Нашата издавачка програма е фокусирана на малку поголеми деца на возраст над девет години и на тинејџери. Имаме и изданија за млади читатели над 18-годишна возраст. Во тој контекст, би го споменала она што Толкин го вели. „Оние што навистина сакаат да го збогатат својот јазик и знаење, треба да читаат литература за повозрасни“.
 
„Оние што навистина сакаат да го збогатат својот јазик и знаење, треба да читаат литература за повозрасни“.

Марија Тодорова, еден од основачите на ,,Вермилион“

Лајф:Кои теми ги допира таа литература „за малку повозрасни деца“?
Вермилион: Факт е дека некои проблеми од реалниот живот не се многу присутни во литературата што се нуди кај нас, како на пример семејното насилство, односот кон разликите меѓу луѓето и сл. Има еден холандски автор, Хус Кујар, чија книга под наслов „Книга за сè“ планираме да ја издадеме наскоро. Во неа е опишан животот на едно деветгодишно момче кое се соочува со семејно насилство и начинот на кој се справува со него. Темата на нашата следна книга, пак, „Труба“, од шкотската авторка Џеки Кеј, е за тоа како едно семејство се соочува со проблемот на сексуалната ориентација. Централен лик е синот кој по смртта на својот татко открива дека тој, всушност, бил жена. Детето го преиспитува сиот живот наназад за да види дали може да најде моменти од кои би можел да претпостави дека неговиот татко бил, всушност, жена.

Децата од книгите учат за естетиката, за убавиот јазик, убавите приказни, но книгите ја имаат онаа дополнителна едукативна улога и цел. Секоја убава книга нè учи на нешто, ни дава едно искуство повеќе со кое можеби не сме имале прилика да се сретнеме во реалниот живот.

Повеќе во 44 број Life магазин