Семејство
Остварување на детскиот сон
Не можете да пишувате за егзотични животни а да го одминете Војо Иванов, кој на многумина од вас им ја исполнил желбата за необичен миленик. Чувањето милениче е крупна одлука околу која внимателно треба да се размисли. Токму затоа, во пресрет на празниците, го замоливме човекот кој без сомнение знае и сака да биде со животни, да им помогне на нашите читатели да изберат соодветен подарок за своите блиски што имаат желба домот да го збогатат со необично пријателче
Златица ПЕТКОВСКА
„Веројатно љубовта кон нешто што е исчезнато, како диносаурусите, ме наведе на љубов кон рептилите, кои почнав да ги одгледувам и размножувам. Уште од мал многу ја сакав Зоолошката градина во Скопје, со која сум и емотивно врзан, но никако да ја видам во она издание во кое посакувам да биде – место каде што ќе се одгледуваат и размножуваат егзотични видови животни. Со години, дури и преку здруженијата за заштита на животни, се обидував да помогнам и нешто да променам, но за жал, неуспешно. Така и се одлучив за ова што го работам денес, како единствена сличност со мојата детска замисла, а тоа е практична работа со егзотични животни“, раскажува Војо. Остварувањето на детската желба е ретка привилегија во која Војо неизмерно ужива, а неговата љубов кон животните не може да не дејствува заразно.
Војо Иванов
Геко гуштерот е влечуга што потекнува од пустинските предели на Пакистан
Боа, змија од Јужна Америка
Бурмански албино питон, веројатно една од најпосакуваните змии за домашно милениче
Летачките шеќерни т.н. мечиња или верверици се мали слатки торбари што потекнуваат од Нова Гвинеја
Мини-зајчињата се идеални животни за помали деца
Морското прасе е глодач посакуван колку и зајчињата, па е и чест домашен миленик
Какаду, папагал од Австралија, баран поради интересниот изглед – бела основа со впечатлив контраст на жолто перче
Игуаната е веројатно најпопуларниот и најчуваниот гуштер кај нас
„Единствено немам крупни егзотични животни, ми недостигаат слон, камили и моето омилено окапи, но којзнае, можеби еден ден“, вели Војо.
„До неодамна живеев со баба ми, која почина на 90 години, а само еден месец пред тоа со мене изведуваше австралиски брадести змејови од јајца, сечкаше зеленчуци за моите животни, вареше семиња и речиси ги прифати како цел живот да биле со неа. На почетокот не беше едноставно семејството да се навикне на овие миленичиња, но со текот на годините ја сфатија мојата посветеност кон нив, па и самите ги прифатија. Особено ми е драго што и татко ми се обучи за работа со нив и нивното одгледување, па сега ми е далеку поедноставно да одам на подолги патувања, а притоа да не се грижам за безбедноста на моите животни, како и за мојата работа“, вели тој. Неговата посветеност кон животните се чита од неговиот лик, од радоста со која нè запозна со сите станари на продавницата „Зоовивариум“ која, пред да стане негов најголем успех, секако претставувала и огромен подвиг.
„Не гледав на ова како на ризик бидејќи од почеток знаев и не очекував богатење. Го сакам тоа што го работам и го работам тоа што го посакував. Единствено немам крупни егзотични животни, ми недостигаат слон, камили и моето омилено окапи, но којзнае, можеби еден ден“, вели Војо.
По дружењето со милениците што престојуваат во „Зоовивариум“, си заминуваме со ветување следната средба за Life магазин да ја направиме на ранчот, идеја за вистинска идила што Војо ја посакува за своите миленици, а која ние од сè срце му посакуваме што поскоро да ја оствари. За нив, како и за себе.
Повеќе во 44 број на LiFE магазин