LIFE

Оган во мраз

Сè беше замрзнато таа вечер кога тргнавме да се сретнеме со жената иноватор која изработува садови од мраз. Улиците беа замрзнати, прозорците беа замрзнати, висеа мразулци по покривите, но најмногу мраз имаше во работилницата на Јелица Живковска, која изработува садови само сo замрзнување на водата

Чашите, чиниите, коблите, свеќниците изработени само од мраз и не би биле ништо повеќе од замрзнати форми, ако вештите раце на Јелица не умееја да ги украсат ѕидовите на овие садови со хармонични композиции од цветови, гранчиња, овошји, зеленчукови плодови. Со големо трпение таа успева директно во водата сипана меѓу двата калапа да ги нареди овие растенија едно до друго во долга низа, каде што остануваат замрзнати откако калапот ќе отстои во фрижидер за длабоко замрзнување

- Избирам овошја, цветови и листови со атрактивни бои кои мора да бидат подебели и со појаки стебленца. Тенките ливчиња не можам да ги наредам, едноставно испливуваат на површината и не е изводливо да се направи композиција. Понекогаш не успевам во тоа. Бавен е процесот на создавање на овие садови. Некогаш се потребни и по неколку часа за една чинија, во зависност од димензијата – ни открива Јелица.
 

Идејата за изработка на овие садови се родила уште во 1990 година, кога Јелица заедно со својот брат држела локал во семејната куќа во населбата Кисела Вода, каде што специјалитети биле куповите од овошје и сладоледот. За изненадување на гостите и со цел да се разликуваат од другите локали, решила сладоледот да го служи во замрзнати чаши, кои ги украсувала со цветовите од градината на мајка ù.

Нејзината ,,колекција“ до денес содржи над триста примероци на изработени ледени садови украсени и со краставици, маслинки, магдонос, калинки, рузмарин... Често за декорација знае да ги користи и празничните украси.
- Секој сад е уникат, неповторлив, создаден во миг на инспирација. Сакам да верувам дека со тоа добива во значење и поради тоа служи за ќеф и за уживање и нуди убава глетка – вели Јелица

Како што ни раскажува, понекогаш се случува да се затвори во својата работилница и да работи цел ден. Особено кога пријателките ќе ù донесат цветчиња и ливчиња набрани од некоја планина. Вели дека се чувствува привилегирана, затоа што оваа работа не може да ја работи секој, туку се потребни многу љубов и внимание за да се нареди една композиција.

- Садовите ги доживувам како спој на нежност и љубов со моќ. Цветовите ми се нежни, природата на која ù се поклонувам и љубовта се нежни, а од друга страна, мразот има моќ – ни откри таа.

Декоративни садови од мраз, особено коблите во кои стојат шишиња со вино, не ретко можат да се сретнат на масите во поголемите хотели, ресторани, амбасади. И покрај тоа што многумина мислат дека се топат за многу кратко време, ние се убедивме во спротивното, бидејќи чинијата во која гореше свеќа не само што не се стопи во текот на нашиот разговор, кој траеше повеќе од два часа, туку стана уште поубав.

- Реакцијата на луѓето е интересна. Повеќето приоѓаат со неверување дека навистина се од мраз. Оние поромантичните ги доживуваат како зен-творби, хаику-поезија на трпеза, садови за боговите и за самовилите – додава Јелица Живковска.