LIFE

Слаби ученици сме на учителката живот

Во својот најнов роман „Дваесет и првиот“, нашиот истакнат писател Томислав Османли зборува за тоа како турбуленциите и злодобата на еден пресвртен период се само етапа од еден универзален круг чија опашка силно ги изместува и поединечните интимни приказни. За Лајф разговаравме за тоа како слабо учиме од старите книги, за нашиот неуништлив номадски ген олицетворен во Силјан Штркот, за тоа како секое заминување во себе го носи и 'ркулецот на враќањето...
 
Мимоза Петревска Георгиева
 
 
  Лајф:Романот носи необичен наслов – „Дваесет и првиот“... На што целите со него?
Томислав:Романот е замислен како каскадна игра во чии нивоа влегувате преку повеќе порти. Неодреденоста на насловот е првата од повеќето порти што водат во значењата на романот. И најлесната за „отклучување“. „Дваесет и првиот“ е, се разбира, наслов што се однесува на векот во кој се случува дејствието. Но насловот е и симбол на дотука изодениот пат, на низата од столетија во новата ера, на сиот временски континуум кој токму сега, токму на дваесет и првиот праг од таа низа се однесува особено чудно, како да се сопнува, да се порева и да добива еден сосем неправилен и неизвесен тек …  
 
 
На светот никогаш не му недостигале есхалотолошки приказни.

Слабо учиме од старите книги. Сè нешто отвораме нови. Особено лесно отвораме книшки. Партиски, па и банковни.

„Дваесет и првиот“ е, се разбира, наслов што се однесува на векот во кој се случува дејствието

 

Лајф: Книгава, како што во поговорот вели Андоновски, е жестока критика на нашата судбина постојано да копнееме по друго место некаде зад куќниот праг, за по обезличувањето и губењето на идентитетот повторно да се вратиме дома, каде што единствено може да се најде преминот кон блаженството и спокојот. Навистина ли овде толку лошо се живее или нам аршинот „ни е расипан“?
Томислав:Тој исказ на Андоновски е едно од најгустите одредувања на она што го чувствував работејќи ја оваа проза. Мојата водилка, при тоа, беше во збиднувањата од нашата актуелна историја на преломот од двете столетија, да се обидам да го препознам геномот на номадизмот. Токму преселбите, доаѓањата и одново заминувањата се толку длабока карактеристика на нашиот народ и неговото историско однесување, што негов поетички симбол е токму една преселна птица – Силјан Штркот. Од арно не се бега, се велело некогаш и синтагмата важи и во овие постисториски времиња во кои, нели, раскрстуваме со минатото и со времињата на злодобата на дваесеттото столетие, векот во кој на светот му се случија две светски војни, десетици милиони изгубени животи, невидени страдања, прогони, репресалии, геноциди, холокауст, а нам, згора на тоа, и три балкански војни во кои се делеле територии, се разменувало население, се одело на различни страни, се селело физички и политички… Сè е во ред со нашиот аршин. Човечки е. Аршинот на историјата на овие простори не чинел. Затоа се заминувало. И во мојот роман сè е затворено во тој круг. Тој почнува со заминувања и завршува со враќање.

Повеќе во 44 број на LiFE магазин