Патуваме

Дворецот на св. Георгиј

Патувајќи... по „дома“, многу често останувам без здив при средбите со нашите цркви и манастири посеани низ државата. Некои од нив беа мали, запуштени и заборавени, некои целосно реставрирани, останувајќи како печат на времето минато. Престојот во еден манастир е сепак лично доживување, а јас можам само да посакам моите зборови да допрат до вас за да „тргнете“ на патот кон Дебар и да го посетите манастирот во Рајчица - некогаш важно и богато село, денес со само три семејства кои одбиваат да го напуштат

Силвана БРКУЉАН

Евдокија НИКОЛОВА (фото)

Тоа утро, студот го имаше „заледено“ Дебарското Езеро. Денот сончев, и чист, а нашето внимание свртено кон приказната за митрите. И како што често и се случува, во нашите полунапуштени села редовно ќе ве пречека шарпланинец, кој јасно ќе ви покаже до каде смеете да чекорите. И покрај обидите да го „подлажеме со милување и убави зборови“, кучето едноставно не нè пушташе да влеземе во дворот на манастирот. Подоцна ќе видиме дека тоа е всушност задната врата од манастирот и дека едно куче-чувар јасно ни го покажа патот како треба да се влезе. На главната порта.
Манастир ,,Св.Георгиј Победоносец“, с.Рајчица

Во минатото, манастирот во Рајчица бил машки манастир, бидејќи во турскиот период многу малку или воопшто немало женски манастири.

Манастирската црка, датира од 1835 година, но се претпоставува дека е изградена врз темели на уште постара црква од 16 век.

Црквата комплетно е зографисана од двајца познати зографи, Даниел и Михаил Зограф и нивниот ученик Дичо Зограф

Фрескописот во црквата е работен цели 13 години

сестра Варвара

сестра Анастасија

сестра Елисавета

Моштата, парче од дланката на „Св. Георгиј“, е сместена во рака купена од специјализирана продавница во Солун. Раката е изработена од сребро украсена со циркони и со рубини.

Кутијата во која се чуваат е купена во Атина во 2001 година со прилози на верниците.

Моштите на „Св. Јован Кукузел“, кој потекнувал од дебарскиот крај

И овој храм се наоѓа во рамките на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“

Сместен е во зградата на манастирот и во него сестрите зимно време ги прават своите молитви.

Манастирот живее преку сестринството, заедно со братството, со работата и мисијата што ја имаат сестрите, со верниците и посетителите. Само така луѓето и ќе чујат и ќе дознаат и ќе дојдат

Слава на манастирот е Ѓурѓовден (6 мај), а како втора слава се слави Крстовден

Хондиниот ,,акорд“, лесно не водеше кон нашата цел-Манастирот во с. Рајчица

Македонија е можеби „вечна“, но непозната за голем дел од нас.

Воздишката на одушевување што сите три (Евдокија, Сани и јас, н.з.) ја испуштивме уште на самиот влез е нешто што не се раскажува. Едноставно, не очекував таква глетка. Има и поубави и постари манастири, но во еден миг чувството на топлина и хармонија што „лебдеше“ низ студениот воздух додека чекоревме кон зградата со конаците е нешто што ќе остане запишано, но и во мојата душа врежано.

Нашиот народ вели: - Пријателите доаѓаат на ручек. И како што би рекле сестрите од манастирот, по Божја желба и нам тоа ни се случи, да пристигнеме за време на нивниот појадок. Иако „жив срам“ ме изеде што „безобразно“ им ја прекинав утринската рутина, насмевката на сестра Анастазија за миг ја прескокна непријатноста, а нејзиното „добре дојдовте“ го осветли и моето лице.

Метох на Бигорскиот манастир

Манастирот во с. Рајчица е посветен на „Св. Георгиј Победоносец“. Во минатото, манастирот бил толку прекрасен и убав што го нарекувале „Дворецот на св. Георгиј“. Пред девет години конаците (местото каде што живеат сестрите), се возобновени комплетно како нова градба во византиски стил. Во минатото овој манастир функционирал како економски дел на Бигорскиот манастир, поточно бил негов составен дел, бидејќи монасите што живееле во овој манастир (Рајчица) имале голем имот, лозја, обработливо земјиште.

За богатството на манастирот говори и податокот дека на местото на денешното Дебарско Езеро порано имало река и пат и манастирот всушност бил на едно високо место. Бил издигнат над патот и надолу под него се простирале големи насади со лозја.

Монасите произведувале вино, ракија, најверојатно имале и добиток, а се смета дека имале и плантажи на маслинки во Елбасан (Албанија). И така функционирајќи заедно, двата манастира („Св. Јован Бигорски“ и „Св. Георгиј Победоносец“ ) биле економски многу силни. Но уште посилни биле духовно, знаејќи дека Бигорски бил еден голем духовен, културен и образовен центар во западна Македонија во тоа време. Манастирот во Рајчица е всушност метох на Бигорскиот манастир, значи манастир изграден во рамките на друг поголем манастир - како една гранка, како плод на поголем манастир.

Повеќе во 45 број на LiFE магазин