Семејство

Патување со вкус

Лежерното мерачење со кое скопјани се гордеат почна да се губи некаде меѓу неинвентивните помодни ентериери и дури непријателски гласната музика што го одвлекува вниманието од она што требаше да биде најважно – бескрајните разговори сервирани меѓу добри пријатели

Златица ПЕТКОВСКА

Квантитетот на угостителските објекти непрестајно расте, квалитетот почнува да исчезнува. Можеби и гостите, како и сопствениците, се променија, па немаат толкава потреба за отпуштени седенки во локали во кои веднаш препознавате дека сте добредојдени. Останаа сепак и такви кои би го пропатувале светот за да пронајдат местенце за своја душа, како што за среќа останаа и малкутемина што својата душа ќе ја пресликаат во објектот што го водат. Еден од нив е Зоран Ралев, чиј „Ориент експрес“ ќе ве придвижи до местото каде што без вознемирувања може да си ги густирате подзаборавените задоволства. Покрај неговата посветеност, што секако е локомотивата на овој воз, среќна околност е и неговата станица – Дебар маало, најтоплиот дел од Скопје.

Зоран Ралев

На менито во „Ориент експрес“ се вкусови карактеристични за Медитеранот

Опиум колач, Маренго и салата Мега


Со изборот на името и започнува приказната за ресторанот, кој логично се надоврзува на сервисот за кетеринг што Ралев го води со години, особено успешно врзан со услугата за филмските екипи што снимаат во Македонија. „Идејата постоеше уште пред да пронајдам простор што мораше да се врзе со некаква асоцијација за вагон токму поради името. 'Ориент експрес' е синоним за понекласично патување, а и услуга воопшто. По првите покуси линии на 'Ориент експрес' од Велика Британија се јавила потребата за покомотно патување и секако, покомотен сервис за патниците од повисоката класа, а најпознатата линија Париз-Истанбул е опишана и во романот на Агата Кристи. Таа приказна беше доволна мотивација за да најдам соодветен простор и тоа да го пресликам во него“, вели Зоран, додавајќи дека прашањето дали возот некогаш минал и низ Скопје сè уште не е со сигурност одговорено, па затоа тој одлучил токму на овој начин да ја приближи мистеријата за тоа патување и во нашиот град. Тематскиот ресторан е полн со симболи, од кои особено ефектни се бројките испишани на масите. „Уште кога го видов просторот знаев дека е вистинскиот, а вагонското уредување и поставеност на масите одлично функционира како внатре, така и на терасата. Интересно е што во сите комбинации на броевите на масите има тројка, симболика што сама се наметна кога го зедов местото“, открива тој.

                                             Повеќе во 45 број на LiFE магазин