Семејство
Детето во нашите закони е изгубено меѓу редови
Пред извесно време, покрај владиниот извештај, во Женева беа разгледувани седумте алтернативни извештаи од Македонија изработени од невладини организации за правата на детето. Еден од авторите на тие алтернативни извештаи е и Центарот за психосоцијална и кризна акција, чиј директор е Лина Ќостарова Унковска. Според неа, состојбата со правата на детето во Македонија е алармантна поради нивното втопување во повеќе изолирани закони кои меѓусебно не комуницираат, поради традиционалното поимање на семејството, но и на детето, кое се гледа како наивно и безлично суштество што треба да порасне за да почнеме да го почитуваме
Мимоза Петревска Георгиева
Лајф: Во кои домени забележавте најфлагрантни кршења на детските права?
Лина: Кога работите во основата не се поставени како што треба - кога нема сеопфатна законска рамка за детето, кога детето и неговиот најдобар интерес не се суштински вградени во политиките и практиката на детска заштита, кога немаме независни механизми за следење на состојбите ниту, пак, солидна база на податоци, кршењето на правата на детето е логична последица, и тоа во сите домени.
Лина Ќостарова Унковска
Во сите владини кампањи во прв план се заканата, казната, поуките од „горе“, а евентуалните позитивни пораки доаѓаат на крајот,…
…но нив нема веќе кој да ги чуе затоа што сè претходно се гледа со одбивност, потсмев или неверување, а најчесто се менува каналот.
Националниот извештај за правата на децата во Македонија пред Комитетот на ОН е само обид да се сумираат промените во регулативата од претходниот извештај, …
…поднесен пред 11 години, до денес, со една можеби поадекватна реторика.
Лајф: Кои се слабите точки на Националниот извештај и колку споменатите извештаи во сенка ја надополнуваат комплетната слика за правата на детето во Македонија?
Лина: Националниот извештај за правата на децата во Македонија пред Комитетот на ОН е само обид да се сумираат промените во регулативата од претходниот извештај, поднесен пред 11 години, до денес, со една можеби поадекватна реторика. Сепак, извештајот не укажува на потребата од промени во концептите на заштита, кои би овозможиле друг приод во откривање на слабите места. Тоа би ни помогнало да го спроведеме и усогласувањето на нашата регулатива и политики, со Конвенцијата за правата на детето, што е наша прва задача.
Имено, сите домени на детските права - законодавството, политиките, практиката, се тесно поврзани. Пропустите во едно поле се отсликуваат и мултиплицираат на другите и на крајот не се знае кој за што е надлежен и кој ќе ја преземе одговорноста.
Ако детето и неговата заштита се сместени во повеќе посебни закони, кои не комуницираат и во кои детето само индиректно фигурира, како што се: Законот за семејството, Кривичниот закон, Законот за социјалната заштита, Законот за здравствената заштита, или за образование и сл., а имате десетина тела и комисии кои предлагаат решенија што меѓусебно не се поврзани, или кога политичките одлуки се носат само од врвот, независно од состојбите во базата, добивате слика во која конечниот корисник и уживател на правото - детето - е фактички изгубено меѓу редови.
Поради тоа алтернативните извештаи, кои укажуваат на овие пропусти, се исклучително корисни. Тие ги анализираат овие состојби, помагаат да се дефинираат точките на застој и да се мрдне од местото во кое сме заглавени.
Повеќе во 46 број на LiFE магазин