LIFE

Моите ракотворби се мојот живот

 Цветови. Циклама, кралско сини, тантелено бели, темни како кадифе. Во средината, на местото на толчникот и прашниците, сребрената жица раскажува своја приказна. Грижливо спакувани во картонски кутии како во школки, овие прекрасно дизајнирани платнени брошови стрпливо чекаат да блеснат на виделина

Мимоза Петревска Георгиева

Нивниот автор - Александра Иванова, која неколку години успешно се занимава со рачна изработка на накит, срдечно ни ги отвори вратите на својот дом во Штип. Нејзиниот богат внатрешен свет се огледува и во колоритноста на станот во кој боите и формите на необичните предмети ви го стимулираат љубопитството, желбата за разговор и размена.

Александра скромно се присетува на своите почетоци во светот на ракотворбите кога за едно свое ѓерданче од циклусот, кој самата си го нарекла „Наши луѓе“, ја доби наградата „Маде ин Мацедониа“.

Симпатичните човечиња во живи бои споени во ѓердани, белезици или насмеани обетки, според неа, симболично ги претставуваат нашите луѓе фатени во оро и го отсликуваат домашниот менталитет – веселоста и блискоста меѓу луѓето. „ Човечињата се работени од глина, обоени и лакирани. Сите тие ѓердани раскажуваат некои свои приказни“ - појаснува Александра

И навистина, тие ја имаат едноставноста, шармот и боите на накитот за деца, но со својот етно-печат не само што поминуваат и кај големите, туку му даваат и еден радосен вресок на целокупниот изглед.
Александра Иванова

„Јас во моите ракотворби го користам и филигранот, но на еден поинаков начин...

...и понекогаш си помислувам дека дури го изневерувам оној традиционалниот филигран...

...ставајќи го во една сосема нова приказна״

Спојот меѓу платното и металот и покрај неспоивоста, заживува некако органски, природно

„Наши луѓе“

Човечињата се работени од глина, обоени и лакирани...

Сите тие ѓердани раскажуваат некои свои приказни

Како што самата раскажува, на нејзината љубов кон ракотворбите нешто подоцна се надоврзала и желбата да изучува филигран. „Кога излезе конкурсот за филигран, решив да го научам и тоа. Обуката траеше седум месеци, но вредеше. Јас во моите ракотворби го користам и филигранот, но на еден поинаков начин и понекогаш си помислувам дека дури го изневерувам оној традиционалниот филигран ставајќи го во една сосема нова приказна״ – додава.

Таа приказна започнала со нејзината желбата да му се вдахне боја на среброто. Оттаму и потребата за негова комбинација со најразлични текстури и бои на платно. „Кај нас е проблемот што не можеш да изучуваш нови техники. Јас, на пример, би сакала да изучувам изработка и комбинација со емајл и на тој начин да добијам и боја во она што го работам - вели. Инаку, брошовите почнаа како еден експеримент. Идеите за нив ми се јавија од порано и толку долго време ми останаа во главата што морав на крај да ги реализирам“.

И навистина, спојот меѓу платното и металот и покрај неспоивоста, заживува некако органски, природно. Овие брошови изгледаат и традиционално и модерно. Во нив се вметнати и плетени парчиња, перли и елементи на филц. Александра вели дека поради комбинацијата на различни материјали и техники, во изработката на брошовите се вклучени неколку луѓе.

Јас го изработувам филигранот, ги одбирам материјалите, но една жена ми ги шие, друга ги работи плетените делови, а трета го работеше филцот. Им ја оставам слободата на избор на формите и нијансите“, со насмевка раскажува Александра.

Вели дека материјалите ги наоѓа од најразлични пазари, комбинира, твид, тантела, памук... Вели дека е повеќе од задоволна од реализацијата, но дека оваа идеја сè уште ја „копка“ да ја развива во различни правци... „ Сакам да пробам да шијам. Немам многу опции за интервенции кога некој друг ми ги работи делата. Инаку тие брошови, како додатоци, главно се врзуваат за постудената сезона, а јас цело време си мислам дека би имале сосема различен ефект доколку ги аплицирам на венче за коса, на пример“, додава.

Неодамна овие брошови ги изложила и на еден саем во Белград со наслов „Мода за носење“ и сосема е задоволна од начинот на кој луѓето од една малку поинаква култура ги примаат нејзините дела.

„Реакциите беа многу позитивни. Сепак, забележав дека филигранот едноставно не го препознаваа. Требаше да им се објасни дека тоа не е обично парче метал кое е само вметнато во цветот, туку дека и тој е мое авторско дело. Инаку, имаше луѓе кои си се пронајдоа во тоа и го препознаа“, раскажува Александра.

Вели дека во Македонија уште прилично тешко се набавува материјал и алат за работа на филигран. Среброто го набавува во вид на готова прачка што понатаму ја обработува.

„Во Македонија традиционално се работи оној типичен, ситен филигран. Јас сè уште се барам во него и не го доживувам онака како што го доживувале старите мајстори“, нагласува

Резимирајќи ја својата животна определба, Александра вели дека во ниту еден момент не се посомневала во правилноста на својот избор и дека отсекогаш сакала да работи нешто со свои раце, кое едновремено ќе ја успокојува и усреќува.

„Завршив филозофија и откако дипломирав, речиси цело време се занимавам со ова. Тоа е мојот избор а работам исклучително дома. Кога се подготвувам за некој базар, целиот простор дома ми е претрупан со материјали. Јас, всушност, секој ден работам. Тоа е дел од мојот живот”, ја привршува својата приказна Александра.

Нејзиниот дом го напуштаме насмеани, со вкусно спакуваните пакетчиња под рака. Треба да имате срце од камен да видите а да не посакате силно нешто од нејзината шарена „тезга“.