Ивенти

Крушево – етно-град

Крушево, јули 2009 или јули 1903. Немаше разлика. Едноставно, Крушево се врати еден век наназад. „Патуваше“ со временска машина, и „се врати во иднината“, за конечно да го пронајде малиот дел од сопствената среќа.

 

Комити, Турци, девојки во градски носии... со широки насмевки ги пречекуваа гостите чии чекори повторно ја исполнија градската калдрма. Како некогаш, разминувањето се случуваше во метеж, голем „сал душата да се исполни“. Во миг се изгуби сето сивило и празнотија на едноличните останати денови, на „подзаборавеното“ Крушево, на кое се навраќавме само на 2 Август.

 

Го „сретнавме“ Питу Гули. Тука беше и Али-паша Јанински, но и екипата на Би-би-си. Во Крушево не се снимаше филм, туку се живееше како на филм со среќен крај. Само што овој пат тоа е - почеток.

Во Крушево се случуваше туристичка револуција. „Востанието е дигнато“, вели војводата Никола Карев (алијас Ранко Петровиќ, автор и иницијатор на проектот „Крушево – етно-град“) и додава: ,,Ни преостанува уште да се ослободиме од ’внатрешниот непријател’ и кодошите кои не ни мислат арно“.

 

Триесет и пет домаќинки четири месеци вредно работеа и изработија 200 носии - чорбаџиски, комитски, турски... Носии што ги носеа млади момци и девојки во кафулињата, рестораните, во културните и туристичките објекти, за и нас, дојденците, да нè вратат во славното минато. А кога старите крушевчанки ги отворија своите ковчези и на видело излегоа и оригиналните носии, за кои се мислеше дека повеќе бел ден нема да видат, срцето се смееше - и нивното и нашето. Не само за да ги споменеме јунаците туку и да научиме како изгледа еден стар вез, да пробаме дел од трпезата што со векови опстанала на овие простори и да го вкусиме крушевскиот локум чија тајна на приготвување од Солун ја донел слаткарот Ѓорѓи Тагас, а кој и денес, еве веќе три генерации, се произведува без најмала промена.

 

И се случи чудо. Немаше „валкање“ на еден историски настан, туку промоција на проект што треба да го врати здивот на овој град. Градот на Илинден во себе чува многу, многу приказни. Сите тие може добро да се искористат за развој на туризмот. Војводата Карев ветува дека за пет години, за крушевчани ќе знае цел свет. Вели: „Забрането е да се зборува за транзицискиот период. Ќе се раскажува само за славното минато до 1903 и за блескавата иднина од 2009 г.“.

Градовите имаат свое минато и своја препознатливост, но проклетијата на сегашноста е всушност во неможноста да го фатиме мигот и да го закантанчиме и заштитиме од неизвесната иднина. Ваквите проекти на вистински начин нè наоѓаат во мигот кога сме „загубени во меѓупросторот“ на потребното и старото-непотребно. Средствата од еден и пол милон денари, колку што Министерството за култура годинава ги обезбеди за проектот „Крушево – етно-град“, нека се алал.

 

Проектот мора да продолжи да се развива. Занаетите и малите производствени капацитети и домашни ракотворби се она заради кое младата популација и ќе остане во Крушево. Тоа си го должиме пред сè себеси, а потоа и на дел од оние 75 милиони гледачи што ја проследија репортажата на „Би-би-си Ворлд“. Перспективата е тука, само треба да ја видиме „големата“ слика. Не дај Боже да се случи народната, од дрвото, да не ја видиме шумата.

 

Силвана Бркуљан